ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

На Владата не ѝ е приоритет намалувањето на функционерските плати

Намалувањето на платите на функционерите не е приоритет на Владата. Иако до крајот на годината има уште еден месец, рок кој самите си го дадоа за да се направи рамка за усогласување на нивните плати, работната група сè уште не доставила до Владата предлог за измена и дополнување на седумте актуелни закони. Тие ги регулираат платите на министрите, директорите, пратениците, судиите, обвинителите и на сите избрани и именувани функционери. Сите овие од април добиваат плати повисоки за дури 78%. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи соопшти дека во процесот имало различни групи со спротивставени интереси.

„Во делот на усогласување на платите на функционерите, работната група има некои идеи, сè уште се обработуваат. Усогласувањето на 7 закони за различни интересни групи не е лесен модел. Но, работната група многу брзо ќе дојде со предлог до Владата, потоа други ќе одлучат дали овие закони ќе се донесат до крајниот рок. Сметам дека законите од висок општествен интерес треба што поскоро да се доносат без никакви пречки во законодавното тело, односно во Собранието“, рече Битиќи.

Меѓу државните службеници, пратениците и судиите се најгласни против намалувањето на нивните плати. Но, дури и да дојде до тоа, Битиќи тврди дека парите кои би останувале во буџетот нема да бидат доволни за да се покачат платите во јавниот сектор. Тоа, според него е нереално и е погрешно ветување од дел во опозицијата.

„Всушност, создаден е погрешен впечаток… намалувањето на платите на функционерите не значи зголемување на платите за другите. Нивото на евентуално намалување на платите за 1.260 лица не е доволно за 135.000 вработени во јавниот сектор. Тоа може да биде игра која сегашната опозиција сака да ја игра. Но, всушност, тоа е лажно ветување како што се навикнавме да го гледаме во минатото од сегашната опозиција кога беа на власт“, додава Битиќи.

Она што е засега сигурно е дека во март догодина нема да има дополнително зголемување на платите за функционерите.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button