МЕТРОПОЛ

„Најсреќниот човек на светот“ е македонски кандидат за Оскар за долгометражен интернационален филм

„Најсреќниот човек на светот“ е македонски кандидат за Оскар за долгометражен интернационален филм

Македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона Стругар Митевска е годинaшниот македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“.

Одлуката денеска ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука, во состав на Игор Иванов, режисер и претседател на Комисијата, Бранко Петровски, продуцент, Марија Димитрова, продуцент, Куштрим Бектеши, режисер, Милка Анчевска, кастинг директор, Милан Тоциновски, монтажер, Сандра Чевреска, сценограф и Валдета Исмаили, актерка.

Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, „Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски и „Мими“ во режија на Даријан Пејовски.

Членовите на Комисијата, според Статутот на Друштвото на филмските работници на Македонија ги избира претседателот на друштвото Игор Иванов, а изборот на членови го одобрува Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука.

Во Комисијата, како што наведуваат во соопштение, е дозволено да членуваат филмски професионалци кои се активно вклучени во производство на филмови како што се режисери, актери, монтажери, филмски композитори, сценографи и други филмски работници. Според AMPAS, членови на Комисијата не можат да бидат професионалци кои немаат директно учество во производството на филм, како што се филмски критичари и други професионалци.

Друштвото на филмските работници на Македонија е задолжено за избор на македонскиот кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм” од самото осамостојување на државата, кога од Американската Академија за подвижни слики (AMPAS) беше препознаено како единствена релевантна институција за комуникација, селекција и кандидатура на македонски претставник за наградата.

Церемонијата за доделување на Оскарите ќе се одржи во недела, 12-ти март 2023 година, во „Dolby Theatre“, Лос Анџелес.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button