ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Напаѓачот на претседателот на РКЕ го признал делото

По физичкиот напад врз претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Аријанит Џафери е повикан да даде исказ во полициска станица. Тој го признал делото, по што полицијата соопшти дека случајот е расчистен, а против него до обвинителството ќе биде поднесена кривична пријава за насилство – дело за кое е пропишана затворска казна од три месеци – до три години. Нападот се случи синоќа на тераса во угостителски објект во Дебар Маало каде биле присутни Џафери и Бислимоски.

На видеото кое го објави Дојче Веле на македонски јазик се гледа како Џафери го влече Бислимовски за вратоврската, додека тој се обидува да се извлече. Други лица исто така се обидуваат да го тргнат Џафери. Снимките заедно со изјавите на сведоците ќе бидат докази во постапката против Џафери.

„Синоќа околу полноќ М.Б. 45 години пријавил дека на тераса на угостителски објект во центарот на Скопје бил физички нападнат од А.Џ. 28 години. Веднаш се преземени соодветни мерки и активности за расчистување на случајот“, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Неофицијално причина за нападот било отворање на постапка за одземање на лиценца на фирмата на У Повер – сопственост на Џафери кој инаку е син на поранешниот функционер Муса Џафери од редовите на ДУИ. Фирмата е со дејност за снабдување на електрична енергија, а Регулаторната комисија утврдила дека не ги обезбедила во целост количините на електрична енергија за кои склучила договори со потрошувачите.

Портпаролката на Регулаторната комисија за енергетика, Марина Узунов изјави дека независно од физичкиот напад тие и натаму ќе продолжат да работат според фактите.

„Претседателот на Регулаторната комисија за енергетија и водни услуги е во добра состојба колку и да е тоа соодветен збор што може да се каже по вчерашниот инцидент… Регулаторна комисија исклучиво се води од законите и она што е во наша надлежност. Ние тотално не се занимаваме со тоа – кој, чив, син, братучед, внук или брат е, туку ве уверувам дека ќе продолжиме да ги водиме постапките согласно законот и согласно нормативите. И за истите, како досега, така и отсега, ќе ве информираме“, рече Марина Узунов, портпарол на РКЕ.

Бислимовски, по укажаната лекрска помош е пуштен на домашно лекување.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button