Народна банка: Финансиската стабилност е задржана
Советот на Народната банка (НБ) одржа редовна седница на која, меѓу другото, го усвои Извештајот за финансиската стабилност за 2023 година. Во Извештајот се оценува дека домашниот финансиски систем е стабилен, добро се справува со предизвиците и дека е отпорен на шокови. Амбиентот во 2023 година беше поповолен, со постепено забавување на инфлацијата, но и забавен економски раст, како и неизвесности и ризици од окружувањето.
Сите институционални сегменти од домашниот финансиски систем и натаму функционираат непречено. Ризиците за финансиската стабилност коишто произлегуваат од секој од овие сегменти се умерени, а умерен е и ризикот од „зараза“, односно ризикот од прелевање на ризиците од еден кон другите сегменти од финансискиот систем. Банкарскиот сектор е најголемиот, но и главниот сегмент на финансискиот систем, каде што се концентрирани заштедите на нефинансискиот сектор и ликвидноста на останатите финансиски институции, поради што е клучен за финансиската стабилност на земјата.