ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Наставници во нижото музичко училиште во Струга немаат плата 17 месеци

Седумнаесет месеци вработени во општинското основно музичко училиште во Струга немат земено плата. Плата нема за наставниците кои работат во училиштето од неговото отворање, но и за оние кои се примени во меѓувреме. Училиштето беше помпезно отворено, во ек на изборната кампања во септември 2021, но на отворањето ниту локалната власт на чело со Рамиз Мерко ниту присутните министри, не кажаа дека немаат обезбедено ниту финансии ниту кадар. Директорот вели дека добиле ветување дека проблемот ќе се реши и со исплата на плати, но и очекуваат дека ќе добијат согласност за вработувања на наставници.

„Ние сме ново училиште, кое за првпат започна со работа во учебната 2021/2022 година. Годинава ни се зголеми и бројот на ученици како втора година,а се зголеми и бројот на наставници, бидејки во втора година сите наши ученици кои се запишаа лани одат на индивидуална настава. Ние како училиште, јас како директор и општината како основач, сме побарале до министерството за образование нови согласности за нови вработувања“, рече Алтин Зиба, директор.

Алсат контактираше и со наставниците. Тие не сакаа да зборуваат во камера, но велат дека надлежните им ветиле дека до крајот на февруари ќе го решат проблемот. Родителите најавуваат дека ќе одржат собир за поддршка на наставниците.

„Имаме дете и многу сме задоволни од наставниците кои предаваат во основното музичко училиште во Струга. Тие наставници не примаат плата.И навистина стравуваме зошто можеме да го изгубиме нешто кое се направи добро за децата.Ако не се уредат тие односи помеѓу училиштето, основачите на училиштето и другите државни органи да им се надомести она што го вложуваат, ако згасне тоа училиште, ќе биде на штета на нашите деца“, рече Дејан Лазарески, родител.

Министерот за образование Шаќири, вели дека бил запознаен со проблемот, но открива дека проблемот не е само во платите туку и во нерешениот статус на наставниците.

„Им благодарам на оние наставници кои имаа добра волја не само во периодот додека сум министер, туку и порано и го одржуваат во живот. Наскоро ќе ги дадеме и првите согласности за прилагодување на статусот на професорите. Ова беше барање на општина Струга и на училиштето – кои ги препратија документите“, изјави Јетон Шаќири-министер за образование.

Настава во ова училиште посетуваат 250 ученици.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button