ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Недели поминуваат, истрагата трае, нема епилог за бегството на Мијалков

Речиси две недели по бегството и спектакуларниот камбек на Сашо Мијалков, полицијата и обвинителството сè уште собираат докази за тоа штос е случи. Засега немале информации дали имал јатаци, кој му помогнал, но и кој евентуално му дал информација на Мијалков дека обвинителството барало притвор. Истрагата треба да даде одговор дали поранешниот директор на тајната полиција имал крт во обвинителството, судот или полицијата.

„Таму целосно се води истрагата во рамки на јавното обвинителство. Сите активности кои сме задолжени да ги спроведеме, да прибавиме докази и така натаму ги прибавуваме и доставуваме до обвинителството. Така што, кога ќе има можност законска да бидат споделени овие детали со јавноста сигурно тоа ќе биде направено“, рече Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи.

Прашавме во обвинителството – кои се првичните резултати по истрагата која трае две недели и дали Сашо Мијалов бил повикан за да даде изјава за тоа дали избегал или бил болен со висока телесна температура?

„Интензивно се преземаат дејствија и издадени се повеќе наредби со цел да се обезбедат докази за евентуално кривично дело. Но, со цел да не ѝ се наштети на постапката, Обвинителството не е во можност да сподели повеќе детали додека не ги добие првичните конкретни наоди од направените проверки“, наведуваат од Јавното обвинителство.

Додека МВР и обвинителството истражуваат, три граѓански организации денеска побараа итно утврдување на одговорност за случајот со бегството на Сашо Мијалков. Хелсиншкиот комитет, Коалицијата „Сите за правично судење“ и Фондацијата „Отворено општество“ препознаваат одговорност и неажурност на институциите кои требало да спречат бегство. Сашо Мијалков веќе е во притвор седум дена откако беше осуден на 12 години затвор за децениското нелегално прислушување. Тој во меѓувреме очекува и пресуда во случајот „Трезор“ за набавката на опрема за прислушување.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button