ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Недоволна транспарентност на јавните трошења

Постои благо подобрување во транспарентноста на трошењето на јавните пари, но тоа не е доволно и потребно е многу повеќе ангажман од страна на надлежните за ситуацијата да биде променета, сметаат од Институтот за економски анализи Фајнанс тинк. Потребно е да се поработи на подобрување на транспарентноста во исплатата на државната помош по разни основи. Финансиските извештаи кои ги објавуваат институциите мора да бидат поедноставни за читање за граѓаните.

„Доколку имате потреба тие податоци да ги анализирате ќе забележите дека се соочувате со една сериозна потешкотија, како на пример: буџетот кој е на државата истиот е во „пдф“ документ и е многу тежок да го обработите. Па, така транспарентноста не треба да ја гледаме само дали податокот е објавен“, вели Благица Петрески „Фајнанс Тинк“.

Европската унија уште еднаш ја потсети власта дека еден од условите за евроинтеграциите на Македонија е и елиминирање на слабостите на трошењето на јавните пари.

„Ефикасен и транспарентен систем за јавни финансии е предуслов за економски раст на секоја земја. Таквиот систем ја подобрува одговорноста. Тој ги намалува ризиците од измама и корупција, помага да се изгради доверба на јавноста како јавните пари се трошат во интерес на граѓаните“, рече евроамбасадорот Дејвид Гир.

Од Министерството за финансии се на став дека преку неколкуте алатки и проекти кои ги ставиле во функција постепено се подобрува степенот на транспарентност на јавните трошења. Но, извештаите од невладиниот сектор го забележуваат спротивното. Од Центарот за граѓански комуникации покажуваат дека од јануари до јуни лани се склучиле договори во четири очи во вредност од 11 милиони евра. Тоа е за 15 отсто повеќе од 2019 година. Дополнително на тоа, дури 70 отсто од јавните претпријатија никогаш не направиле проценка на ризиците од корупција. Алармантен податок е и дека 92 проценти од државните претпријатија немаат спроведено обуки за интегритет и антикорупција на вработените.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button