ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Неизвесно кога ќе биде донесен новиот Кривичен законик

Се уште останува неизвесно кога новиот Кривичен законик ќе биде донесен и спроведен во пракса, иако истиот веќе е подготвен од страна на работна група од Министерството за правда и е испратен на оценка до Европската Комисија. Пораките од извршната власт изминатиот период исто така одат во насока дека мора да биде донесено целосно ново законско решение како дел од реформскиот процес во правосудството, но од Влада не откриваат кога тоа ќе се случи.

„Како Влада остануваме на ставот дека Кривичниот законик треба да биде решение кое ќе овозможи правна сигурност и ќе биде во согласност со потребите на правосудсниот систем. Кога ќе биде целосно оформено законското решение навремено ќе ја информираме јавноста“, рекоа од Владата.

Кривичниот законик е преведен на англиски јазик, подготвени се и коресподентните табли, како обврска од Билатерланиот скрининг за поглавјето 23, но и натаму се чека зелено светло од Европската Комисијата, за да може процедурата околу ова законско решение да продолжи во земјава. Откако Европската Комисија ќе го одобри законот, работна група во рамки на Министерството за правда ќе одржи средби за вметнување на добиените мислења во законот, ќе се одржат јавни расправи и текстот на Законот ќе биде доставен најпрво во владина, па потоа и во собраниска процедура.

Кривичниот законик пратениците треба да го изгласаат со просто мнозинство. Со измените на Кривичниот законик донесени во септември 2023 година, Европската комисија во Извештајот за 2024 оцени дека истите ја ослабнале правната рамка негативно влијаејќи во борбата против корупцијата, со пораки дека земјава во следната година треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди. Последните измени на Кривичниот Законик предвидуваа драстично намалување на казните за делата злоупотреба на службена положба и злосторничко здружување, а тие придонесеа и да настапи застарување на случаи со дела кои вклучуваа високопрофилна корупција. Според Европската Комисија, земјава во наредната година освен што треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди, треба да го подобри своето досие на случаите на висока корупција – со навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги и конечни пресуди.

Михајло Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button