ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нема извинување од кабинетот на Талат Џафери за пцостите

„Вие што сте тука уште си еб*вате мајката овде. Абе бегај, бегај таму! Бегај!“, се слуша во објавениот материјал.

Нема одговорност или пак извинување за речникот со кој се служи првиот човек на Собранието, Талат Џафери. Скандалозниот тонски запис со навредите, пцовките и заканите, кои Џафери наводно ги упатил кон вработените во собраниските служби, од законодавниот дом денеска решија да не гo коментираат. И од кабинетот на спикерот велат дека нема да даваат никакви изјави за настанот, па ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат автентичноста на снимката.

Токму поради автентичноста, воздржан во коментарите е и премиерот Димитар Ковачевски.

„Таа снимка ја погледнав, меѓутоа се работи за некаков разговор, во којшто не се гледа ниту кој разговара, ниту со кого разговара и затоа, од таа причина, не можам да коментирам дали претседателот на Собранието разговара со некого во сала, дали со вработен или не…“, рече Ковачевски.

За опозицијата е неприфатлив, како што велат, примитивизмот на Џафери. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат итна оставка од него, додавајќи дека со ваквото однесување се поставува и прашањето за работната способност на собранискиот спикер.

„…Не постои оправдување за ваков простотилак и прашање е дали сите коалициски партнери во крими-власта го поддржуваат и би го оставиле без осуда ваквиот примитивен однесување од деспотот од Форино?“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Алијанса за Албанците пак, соопштија дека ваков мобинг има во сите институции.

„Подолго време, не само Џафери, туку и другите функционери на ДУИ, на ист начин ги третираат и државните службеници и граѓаните, а често се обидуваат така да се однесуваат и со пратениците. Ова е типично однесување на режим, на диктатура, кои функционираат само со страв и закани“, наведоа од Алијанса.

Видеото со вулгарниот речник на Џафери беше објавено на социјалните мрежи и на него може да се забележи и логото на Собранискиот канал. Како што пишуваат дел од медиумите, навредите се чуле на крајот на преносот од вчерашната пленарна седница. На видеото не може да се види кому Џафери ги упатува навредите или пак што го провоцирало недоличното однесување.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button