ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нема плати за инспекторите во Државниот пазарен инспекторат

Државниот пазарен инспекторат останува без директор. По разрешувањето на Стојко Пауновски, кој беше сменет и покрај бурните реакции во јавноста, Владата сѐ уште не назначила негов наследник. Од таму велат дека не знаат кога овој инспекторат ќе добие директор.

„На вчерашната седница и не е именуван директор на Државниот пазарен инспекторат, така што на следната седница се очекува да биде именуван директорот на Државниот пазарен инспекторат“, рече Љупчо Николовски, вицепремиер за човечки ресурси.

Кога една институција нема директор тоа по автоматизам значи дека нема ниту плата за вработените. Во Државниот пазарен инспекторат нема кој да ја потпише платата за месец април. Праксата во овој инспекторат е платата на вработените да биде исплатена меѓу 1 и 5 секој месец, но тоа нема да биде случај за априлската плата. Пазарните инспектори со кои разговараше Алсат велат дека и без директор, тие ги контролираат деловните објекти за тоа дали ги почитуваат протоколите за заштита од коронавирусот. Во меѓувреме, за разрешувањето на Стојко Пауновски, вицепремиерот Љупчо Николовски тврди дека тој бил разрешен согласно кодексот, иако Пауновски не беше претходно опоменат како што предвидува Кодексот.

„И во овој случај се изготвени одредби согласно кодексот и согласно процедурите коишто кодексот ги предвидува е испратено писмено известување до претседателот на Владата којшто понатаму согласно членот 23 предлага на Влада соодветни постапки коишто се можни во кодексот, дали тоа е опомена, јавно несогласување, барање за разрешување, така што целосно е постапено процедурите во кодексот“, додава Николовски.

Стојко Пауновски беше разрешен поради јавно несогласување со планот на вицепремиерот Груби за вработување во Пазарниот инспекторат на 35 административци кои примаа плати а не одеа на работа.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button