ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Никола Димитров со објаснувања за политичкиот земјотрес

Јас се борев моите лични позиции да станат државни позиции во разговорите со Бугарија, открива вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Во гостувањето во „360 степени“ тој рече дека во оваа битка двапати се заканил со оставка, а на прашањето зошто сега се иззема кога и самиот учествувал во градењето на ставовите, Димитров одговори дека дал согласност за одговорите на бугарскиот „Предлог 5+1“ од една причина:

„Една точка има во нашите одговори којашто ни треба нам. Таа точка очекува од Бугарија да ја одобри преговарачката рамка, да даде зелено светло за првата Меѓувладина конференција, со којашто почнува пристапниот процес кон ЕУ и тоа да биде направено на линија на португалскиот предлог, според кој, во преговарачката рамка сосема чисто, без никакви дообјаснувања си стои ‘македонски јазик’“, изјави Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања.

Димитров оцени дека идејата на новиот бугарски премиер Кирил Петков да не се зборува само за историјата е добра и охрабрува, но смета дека ако оваа политичка волја во Софија е маневар, тоа ќе има негативно влијание.
Што се однесува до реакциите за неговата прес-конференција Димитров искоментира дека не се кае за кажаното, но додаде и дека се изненадил за дел од коментарите. Тој вели дека не му била цел да го нападне министерот Бујар Османи, туку, како што вели, да ја предупреди јавноста за последиците. Жали што дел од реакциите биле ставени во етнички контекст.

„Ако беше предмет на предизвик албанскиот јазик јас ќе го бранев со иста страст. /// Несогласувања од таа страна имав и со Владо Бучковски, којшто во последно време не беше дел од овие координации, но извесен период и беше. Јас колку што знам, тој е Македонец“, рече Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања.

Димитров кажа дека дрска лага е реакцијата на министерот за здравство Венко Филипче, дека тој не учествувал на седниците за кои се одлучувало за анти-ковид мерките, а пак за премиерот во оставка Зоран Заев рече дека го почитува, но не било фер јавното препукување.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button