ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Николовска: „Политизирањето може да доведе до одбивање на екстрадицијата на Палчо“

Николовска: „Политизирањето може да доведе до одбивање на екстрадицијата на Палчо“

Постапката за екстрадиција од Турција не може да заврши за ден-два, појаснува поранешната судијка во Стразбур Маргарита Цаца Николовска. Таа вели дека сега прв чекор е турските власти да одговорат дали колегите од Македонија ја испратиле целосната документација за екстрадиција на осомничениот за убиствата, Љупчо Палевски Палчо. Според судијката, дури потоа ќе започне фазата на одлучување. Сепак, како што додава Цаца Николовска, турските власти се очекува да го земат предвид фактот дека случајот предизвика сериозно вознемирување во јавноста кај нас. Воедно, таа апелира политичарите да се воздржат од најразлични искажувања во однос на делото, бидејќи политизирањето може да доведе до одбивање на екстрадицијата.

„Познати се светските случаи за екстрадициите кога не биле на одреден начин овозможени заради одредени неможности за спроведување на фер постапка или заради политизирање на случаите. Но, јас се надевам кај нас тоа нема да се случи и сите политичари треба да се свесни да се воздржат од таквите искажувања за да не дојдеме во ситуација на неекстрадирање“, изјави Маргарита Цаца Николовска – поранешна судијка.

Цаца Николовска смета, барем од она што е споделено во јавноста, дека полицијата и правосудните органи засега експедитивно ја вршат својата работа во случајот со убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

„Дали имало некои пропусти јас не можам да кажам, меѓутоа едно сакам да укажам, дека службите не ни беа во можност сè да презентираат во јавноста. Презентирањето беше селективно во однос на она што тие служби можеа да информираат во јавноста за ситуацијата, имајќи ја предвид не само сензибилноста на случајот, туку и понатамошното постапување и добивање на одредени информации коишто утре-задутре ќе бидат релевантни за постапката“, рече Маргарита Цаца Николовска – поранешна судијка.

И покрај тоа што експертите повикуваат случајот да не се користи во политички цели, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно се обвинуваат за поврзаноста со првоосомничениот Палевски.

„Политички и полициски структури на СДС го штитеа и замижуваа пред поведението на Љупчо Палевски Палчо, затоа што им одговараше. Преку своите поткасти и емисии на интернет портал, ширеше омраза и создаваше токсична атмосфера. Власта го охрабруваше да навредува, клевети, да се заканува, а кога Палевски се почувствува доволно недопирлив премина на рекет, уцени и на крај заврши со двојно трагично убиство“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Христијан Мицкоски да не молчи за средбата со Палевски, туку да одговори. Ако Мицкоски навистина има поинакви информации за случајот со двојното убиство треба да ги достави до ОЈО.

Прикривање докази е кривично дело. Палевски, кој е осомничен за двојното убиство што ја потресе целата македонска јавност, беше близок соработник на режимот на ДПМНЕ и јавно го поддржуваше Мицкоски, но и нивниот коалициски партнер Левица“, нагласуваат од СДСМ.

Во меѓувреме, додека се очекува Палевски да биде екстрадиран, во Шутка веќе се наоѓаат неговите тројца сопартијци од партијата Десна кои се осомничени дека биле соизвршители во грабнувањето. Во 30-дневен притвор се и таткото на Вања, но и лицето кое го превезувало од Белград до Турција. Иако повторно беше повикан на распит, за адвокатот на Палевски кој го возел од Скопје до Белград, од Обвинителството соопштија дека не постоеле основи за негово задржување, но оти продолжува да се испитува негова евентуална инволвираност.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button