ВЕСТИЗДРАВСТВОМАКЕДОНИЈА

Ништо од ветувањата на министерството за двајца педијатри во Охрид

Нема ништо од најавите кои Министерството за здравство ги даде на 2 ноември, дека проблемот со недостаток на педијатри во охридската Општа болница ќе биде решен. Од тогаш поминаа повеќе од две недели, а се уште не се најдени двајца педијатри. Детскиот оддел функционира само како обична амбуланта, со работно време од 8 до 20 часот, со двајца педијатри, од кои еден после Нова Година ќе замине во пензија. Доктор Зеќир вели дека работеле на екипирање на одделението за да почнат со нормална работа.

„За минимално функционирање на една 24 часовна служба потребни се минимум пет доктори. А, некој оптимум е шест до седум доктори. Се ова што и понатаму ќе се прави во наредните години ќе биде едно прикрпување“, вели д-р Зеќир.

Алсат и денеска праша во Министерството за здравство кога охриѓани може да очекуваат педијатри и од каде ќе ги донесат, но одговор не добивме. Но проблемот лежи и во недостаток на специјализанти.

„Ние имаме две специјализантки, кои во најдобар случај ќе дојдат за четири до пет години. И пак две, што се две. Наназад 15 години минимум, овде не е пуштен специјализант за педијатрија, иако во многу наврати ние баравме да биде пуштен. И до сега требаше да бидат готови. Едноставно немаше разбирање“, додава д-р Зеќир.

Во Охрид пред пензија се и 80% од матичните педијатри.

„Со напори остануваме да работиме и да помогнеме. Ова беше предвидено дека ќе дојде до ваква ситуација. Направивме анализа и тоа им го предочивме на структурите уште пред 10 години, но никој не презеде сериозни мерки за тоа да се поправи“, рече Никола Филев-матичен педијатар.

За хоспитализација, прегледи за време на викенди и во ноќните часови,
најмладите жители на Охрид се принудени да одат за Струга. Сето ова се
случува во период кога се зголемува бројот на деца кои заболуваат од
ковид 19. И во Струга од шест педијатри, тројца се пред пензија.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button