ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нов рок за автопатот Охрид – Кичево

Откако не успеаја да го завршат автопатот Кичево Охрид, до јуни годинава, власта сега најавува нов рок за негово до завршување. Тоа ќе биде трето продолжување на рокот откако првично оваа автопатска делница која почна да се гради во 2014 година, требаше да биде готова до 2018 година. Во моментот вели Бочварски се преговара со изведувачите. Според него има готов дополнет проект со ревизија и оти на нови дваесет позиции може веќе да се работи.

„Има доста работа на овој автопат. Важно е да имаме стабилен и безбеден автопат. По тоа што имаме некакви сознанија од надзорниот орган, пред крајот на 2023 година или на почетокот на 2024 година, не можеме да очекуваме финално пуштање во употреба под редовен режим на сообраќај, но делница по делница каде ќе се привршуваат, ние ќе ги отвораме за сообраќај“, изјави Благој Бочварски-министер за транспорт и врски.

„Градежните работи на автопатската делница се во тек. Се работи на земјени работи, поголем број на виадукти, клучи, пристапни патишта, потпорни ѕидови, натпатници и потпатници и сѐ што друго е предвидено“, рече Ејуп Рустеми-директор на ЈП за Државни патишта.

И покрај тоа што очигледно е дека долж целата автопатска делница многу малку се работи, бројот на работници е многу мал, а голем дел од машините се во застој, Бочварски вели дека не е така. Според него на терен секојдневно биле повеќе од 365 градежни машини и повеќе од 730 работници.

Новинар: Министер има впечаток во јавноста, дека многу повеќе има посети на оваа автопатска делница, отколку што се работи директно на терен?

„Не би рекол дека се сведува целата работа на посети. Институциите својата работа ја завршуваат. И сега фронтот, барањето наше и притисокот, барањето на гараѓаните е да биде фронтот и на терен, затоа што сите сакаме час поскоро да се изгради овој автопат“, вели Бочварски.

Новинар: Министер требаше да врие од работници и механизација на оваа автопатска делница. Но претпоставувам дека тоа и вие го видовте, кога доаѓавте наваму. Но, тоа не е така?

„Не се согласувам со вас. Пристапните терени налагаат во однос на овој дел, колку механизација на која позиција е потребна. Надзорниот орган тоа го контролира. Нашите обврски ние ги завршивме. Час поскоро сакаме и ние, бидејќи средствата се обезбедени ,пари има, сега на ред треба да стапат професионалците, градежните компании и овој автопат да биде изграден“, рече Бочварски.

За автопат Кичево-Охрид, наместо пофалби Владата треба да одговара. Ова е уште еден доказ дека сегашната Влада, а особено албанскиот партнер во коалицијата, ДУИ, не се срамат, велат од Алијанса на Албанците.

„Коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернатива оценува дека наместо унапредување, партиите во Владата денес треба да одговараат за сите неуспеси поврзани со автопатот Кичево-Охрид. Досега, од 70 инфраструктурни проекти за промена на трасата, одобрени се само 20. Јавно го прашуваме премиерот Зоран Заев: каде е правдата за, цитираме „криминал и корупција“ во овој проект, кој го осуди преку прислушуваните разговори? Дали и овој случај ќе заврши со амнестија и партнерство со криминалот, како што завршија сите други случаи досега?“, рекоа од Алијанса на Албанците.

Бочварски демантира дека цената на автопатот ќе поскапе и дека се потребни дополнителни средства. Според него вредноста на автопатот е онаа која била утврдена во 2018 година и изнесува 598 милиони евра. Досега биле асфалтирани од 31 % од вкупната траса.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button