ВЕСТИСВЕТ

Нова студија – „Ќе се случат деструктивни циклони во области каде што досега не постоеле, загрозени Њујорк, Токио…“

Климатските промени ќе ја прошират областа на тропските циклони, изложувајќи милиони луѓе на разорната моќ на овие бури, пренесува Би-Би-Си, повикувајќи се на новата студија објавена во списанието Nature Geoscience.

Во моментов, овие циклони или урагани се случуваат најмногу во тропските предели северно и јужно од екваторот. Но, научниците велат дека зголемените температури ќе овозможат овие временски катастрофи да се формираат на географски широчини што се протегаат многу подалеку од тропските предели. Конкретно, би можеле да бидат погодени градови како Њујорк, Пекинг, Бостон и Токио.

Научниците кои беа дел од истражувањето велат дека нивните резултати покажуваат дека до крајот на векот веројатно ќе се појават циклони на поширока област отколку што беше случај во последните три милиони години.

Кога суптропската бура Алфа стигна до Португалија во септември 2020 година, релативно малата штета што ја предизвика не привлече внимание. Но, за научниците тоа беше значаен настан.

– Ова досега не сме го виделе. Тоа беше традиционална бура која се случува на овие простори, но како што ослабна, се создадоа соодветни услови за појава на тропски циклон, а тоа се уште не се случило во Португалија, изјави др. Џошуа Студхолм, физичар на Универзитетот Јеил.

Студхолм е водечки автор на оваа нова студија која предвидува дека потопла клима ќе овозможи формирање на повеќе такви бури во географските широчини каде што живее мнозинството од светското население и каде што се одвива најголемиот дел од економската активност.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button