ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нови апели за заштита на Водно, се бара закон, не „одлука“ за заштита

Водно треба вистински да се заштити, а не само планинскиот биодиверзитет. Експерти бараат стопирање на Одлуката за Водно да биде заштитено подрачје. Според универзитетската фела, несфатливо е како на планина која вештачки е пошумена за да го штити Скопје од поплави, да ѝ се заштитува само растителниот и животинскиот свет, а и понатаму на неа да може да продолжи да се гради.

„Зонирањето на планината Водно, црвената зона или строгата заштита е само на Матка. Практично, целиот останат дел е во останатите две зони, активно и одржливо користење. Да напоменам дека во зоната на одржливо користење дозволени се секакви активности“, рече Македонка Стојановска, Шумарски Факултет.

„Да не знаат што прават, не да не знаат, појма немаат… Сите граѓани да просудат што сакаат повеќе. Дали ја сакаат безбедноста или сакаат заштита на тревки, габи и инсекти?“, рече Иван Блинков, универзитетски професор.

Во однос на владината студија за Водно, експертите сметаат дека е конфликтна сама по себе. Без правилна заштита¬ на Водно, опасностите од поплави во Скопје се големи.
„Во иднина не нè очекуваат само суши, туку нè очекува и зачестена појава на поројни поплави и тоа покатастрофални. И кога зборуваме за катастрофа ќе потсетам на катастрофите од Шипковица 2015, Стајковци 2016“, рече Васко Стојов, раководител на одделение за хидрологија при УХМР.

Но и покрај ваквите забелешки, од Министерството за животна средина остануваат воздржани. Тие за Закон се прогласуваат за ненадлежни, а ако се предложи законско решение, тогаш Одлуката за заштитено подрачје за Водно може да се вметне во евентуалниот Закон за Водно. Досега ниту една институција, ниту Град Скопје чии градоначалник изјави дека се залага за Закон, официјално не побарале Водно да се заштити со Закон.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button