ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Новогодишна кошничка – Ќе се намалат цените на повеќе од 675 производи

Владата ги претстави новите мерки за заштита на стандардот на граѓаните, во рамки на новогодишната кошничка, кои ќе содржат повеќе од 675 производи и ќе важат од 15 декември до 15 јануари. Се очекува намалување на цените на производите за 10%, а можеби и повеќе. Списокот на производи се договара заедно со економските совети, синдикатите, производителите, дистрибутерите и трговците. Граѓаните можат да видат кои фирми и производи се вклучени во новогодишната кошничка на веб-страницата mojakosnica.mk. Производите вклучени во кошничката, на полиците на маркетите, ќе бидат означени со натпис „помалку трошење, повеќе за вас“.

„Во ова намалување на цената се вклучени основните прехранбени производи од различни групи, леб и житарки, пекарски производи, месо и месни производи, риба, млеко и млечни производи, слатки и овошје. Свеж и конзервиран зеленчук. Безалкохолни и алкохолни пијалоци“, рече Бесар Дурмиши – министер за економија

Сепак, не се предвидени санкции за производителите или трговците кои нема да ги намалат цените. Мониторингот нема да го врши инспекторатот, туку самите граѓани.

„Бидејќи оваа иницијатива не е владина одлука, не се предвидени никакви санкции. Мониторингот дали цените се намалени како што предлагаат производителите и дистрибутерите ќе се врши директно од граѓаните“, додава Дурмиши.

Но, што ако трговците ја злоупотребуваат ситуацијата и однапред ги покачат цените, па со понуденото ослободување цената да се врати на старата. За да не се случи тоа, премиерот Мицкоски го ангажираше пазарниот инспекторат.

Во меѓувреме, СДСМ не очекува новогодишната кошничка да има ефект врз благосостојбата на граѓаните. Наместо да предлага кошнички, ВМРО-ДПМНЕ нека ја прифати мерката предложена од СДСМ, а тоа е целосно укинување на ДДВ, велат од оваа партија.

Зекирја Хаџиу

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button