Обвинителката Крстевска Цалева поднела барање да биде ослободена од функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје

Советот на јавни обвинители на следната седница ќе одлучува по барањето на јавната обвинителка Наташа Крстевска Цалева да биде ослободена од функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје, додека трае оддалечувањето од функција на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи.
Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска, на денешната седница, информира дека во текот на вчерашниот ден до Советот е поднесена молба или барање од страна на обвинителката Наташа Крстевска Цалева.
– Краток допис во кој се наведува дека со оглед на тоа што сум штотуку дојдена во ВЈО Скопје и имам потреба да се фокусирам на предметни работење, молам да бидам ослободена од оваа задача на која подобро би одговорил јавен обвинител со поголемо работно искуство, информира Димитриевска.
Одлуката Крстевска Цалева да ја презема функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство, додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, Советот ја донесе на седница одржана на 10 февруари годинава.
Предлогот за преземање на функцијата од страна на Крстевска Цалева беше посочен од страна на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцески, како еден од можните девет јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство кои што би можеле да ја преземат функцијата да раководи со Обвинителството.