ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Обвинителство: Анализа на целата документција за болницата во Тетово

Тетовското и скопското обвинителство ги бараат сите детали поврзани со модуларната болница во Тетово од документи за градба и материјали кои се користеле до елаборати – за складирање на хемикалии и горива, генератори при прекин на струја, план за електрична инсталација, снабдувањето на кислород со доводи, цевки и приклучоци. Инстутуции кои треба да ги достават се министерството за здравство, тетовската клиничка болница, и ЕВН за снабдувањето со струјата и планот за инсталација. Тетовските и скопските обвинители бараат помош и од колегите од Велес. Велешкото обвинителство е задолжено од фирмата Брако која ја инсталираше модуларната болница да ја одземе целата документација за неа. Се истражува и каков материјал е користен при градбата.

„Издадена е и Наредба за градежно вештачење до Градежен институт „Македонија“, за да се подигнат примероци од опожарениот вграден градежен материјал од самото место на настанот – под, таван, ѕидови, прозори, врати, изолација и слично од Модуларната болница…“, наведоа од Обвинителството.

Сите снимки објавени за пожарот во модуларната болница се бараат како докази, се забележува кој бил во или околу болницата, од пациенти до членови на нивни семејства за да бидат сослушани во тетовското обвинителство

„Основното јавно обвинителство во Тетово во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје, презема дејствија и активности со цел да се утврди дали и какви мерки на противпожарна заштита се применети во Модуларната болница во Тетово од пуштањето во употреба до денот на настанување на пожарот. Притоа донесена е писмена наредба со цел да се прибават и сите протоколи за начинот на работа, како на Модуларната болница, така и на ЈЗУ Клиничка болница во Тетово“, додаваат од Обвинителството.

Обвинителите ќе направат и посебен извештај за тоа кои први полициски службеници пристигнале кај модуларната болница и дали имале каква било интервенција – кршење на прозорци, врати или ѕидови од модуларната болница, дали некој од нив бил внатре во болницата, кој прв го пријавил во пожарот и кој известил за пожарот. Обвинителството во денешното соопштение, освен што ги набројува дадените наредби, не дава никакви детали зошто се решиле на вакви чекори пет дена по трагедијата или во која насока водат првичните траги за предизвикување на пожарот.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button