ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Обвинителството и денеска без детали од германската експертиза за пожарот во модуларната болница

Извештајот добиен од германските експерти за пожарот во модуларната болница во Тетово е испратен на стручен превод, што се очекува да трае неколку дена, поради сложената терминологија и содржина.

Преводот на извештајот се очекува да трае од три до десет дена, велат обвинителите, а потоа ќе се анализаира од тимот на обвинители вклучени во истрагата за пожарот на модуларната болница во градот Тетово.

Досега за овој случај се сослушани над 30 лица, а имало случаи кога доброволно се пријавиле да сведочат и членови на семејствата и други лица, кои се затекнале во модуларната болница кобната ноќ на 8 септември.

Сослушани беа и вработени во болницата и во Министерството за труд и социјална политика, како и во Министерството за здравство, заедно со лица вклучени во изградбата на болницата. Од Обвинителството велат дека извештајот на германските експерти е исклучително важен, бидејќи од овој извештај може да се отворат нови истражни патеки.

„Во зависност од извештајот на германските истражители, не е исклучена можноста да се отворат нови истражни патеки, дополително, и покрај истрагите што досега ги правеа петте обвинители вклучени во случајот“, наведуваат од тетовското Обвинителство.

Од ОЈО Тетово појаснуваат дека истрагата се одолговлекува, бидејќи предметот е многу обемен, па затоа е потребно време за негово третирање. Првичните сомнежи се дека пожарот избувнал од продолжен кабел кој се загреал и предизвикал пожар. Во пожарот што избувна ноќта на 8 септември минатата година загинаа 14 лица, од кои 12 беа пациенти и двајца членови на семејството кои се грижеле за пациентите заразени од Ковид.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button