ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Обвинителството не дава детали за партиските малверзации во УЈП

Обвинителството за организиран криминал и корупција не открива детали за наводното испумпување на пари од УЈП од страна на функционери на СДСМ и ДУИ, афера, која ја објави и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Истрагата засега велат, се држи во тајност. Неофицијално Алсат дознава дека се правеле фиктивни фирми за да се избегне плаќањето данок.

„Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе неколку месеци постапува по предмет што е во предистражна постапка и за кој во моментов не можат да се споделат детали“, наведуваат од Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Од Управата за јавни приходи веднаш излегоа со демант поврзан со наводите кои ги објави опозициската партија.

Од УЈП посочуваат дека не се работи за никаква афера, туку за утврдено незаконско работење кое го сториле даночни обврзници. Според информациите од државната институција, Управата за јавни приходи овој случај го открила пред речиси една година и го известила Јавното Обвинителство.

Алсат побара став и од Владата, но наместо конкретен одговор за тоа како ќе постапи во случај функционери на владејачките партии да се замешани во овој случај, од таму добивме ваков допис.

„Сите потребни материјали и податоци од страна на УЈП се доставени до институциите и се преземени сите потребни мерки во насока на заштита на државната каса“, велат од Владата.

ВМРО-ДПМНЕ излезе со обвинувања дека организирана група составена од функционери на владејачката коалиција СДСМ-ДУИ крадела пари од граѓаните на Македонија. Сумата која ја објавија од ВМРО се движи од 25 до 30 милиони евра, пари кои според нив, се земени од државниот буџет.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button