ВЕСТИРЕГИОН

Од недела до 10 јануари задолжителен ПЦР или рапид тест за влез во Грција

Негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид 24 часа пред пристигнувањето, заедно со пополнет PLF формулар, од недела се задолжителни за влез во Грција, независно дали патниците се вакцинирани или не или дали прележале Ковид-19, а мерката важи за сите посетители, меѓу кои и оние од Северна Македонија, согласно министерската одлука што ќе биде во сила до 10 јануари 2022 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Дополнително, невакцинираните и оние кои не прележале, а пристигнуваат од  16 конкретни земји, меѓу кои и Северна Македонија, задолжително ќе бидат тестирани при влезот во Грција, нешто што веќе извесен период се применува.

Промените веќе беа најавени како од Министерството за здравство на Грција, така и од владиниот портпарол Јанис Иконому, а согласно одлуката „сите патници кон Грција, без разлика на националноста и начинот на влез во земјата, без разлика на вакцинацијата или прележана болест, мора да бидат тестирани негативно“ со ПЦР во последните 72 часа пред нивното пристигнување во земјата или „алтернативно да се тестираат негативно со употреба на брз антиген тест во рок од 24 часа пред нивното пристигнување во земјата“.

Тестирањето треба да биде во одобрена, од државата на потекло, приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button