ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Од утре поевтини горива, ова се новите цени

Цената на горивата од полноќ повторно се намалува. Дизелот и 95-ката се намалуваат за три, а цената на 98-цата ќе биде пониска за денар и половина. Според Регулаторната комисија за енергетика, новите цени од утре ќе бидат 90 денари за еден литар дизел, 88,5 денари за Еуросупер 95 и 90,5 за Еуросупер 98. Екстра лесното масло за домаќинство се намалува за 2,5 денари и ќе изнесува 85,5 денари за литар. Денешната одлука за намалување на цените е резултат на падот на доларот и намалената побарувачка на нафта на глобално ниво, пред сè поради тоа што има неколку градови во Кина кои се целосно затворени поради Ковид и се очекува намалување на економската активност.

„Основна причина беше тоа што се намали курсот на доларот, којшто некаде од 64 денари, во текот на минатата недела е под 60 денари. Големо влијание ќе има и одлуката со која ќе се забрани извозот на руската нафта, односно ќе се реализира, но само со ограничена цена…“, рече Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Кога ќе дојде до посериозно намалување на цената на горивата Бислимовски рече дека во моментов не може да се каже. Голем проблем е тоа што скопската рафинерија со години не работи и во неа не може да се произведуваат готови деривати. Во јавноста редовно има реакции кога пристигнува информација дека на берзите паѓа цената на суровата нафта, а истиот ден во Македонија регулаторот објавува раст на цените на горивата во земјава.

„Цената на суровата нафта пред сè на Бренд нафтата не ја земаме во нашите пресметки бидејќи немаме производен капацитет, односно рафинерија која би ја преработувала суровата нафта“, додава Бислимовски.

По најавите за ембарго на руската нафта, само на територија на Европската Унија ќе треба да се обезбедат околу 600 илјади барели дизел гориво на дневно ниво. Овие количини ќе треба да се купуваат од Америка, Блискиот Исток и Индија. Дали оваа санкција кон Руската федерација ќе предизвика турбуленција на цените на бензинските пумпи во Македонија ќе се знае за помалку од еден месец.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button