ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Од утре стартуваат новите мерки за заштита од Ковид-19

Од утре на сила ќе стапат новите мерки за против ширењето на корона вирусот. Но, угостителите се далеку од подготвени за нивно спроведување во кафулињата и рестораните. Според претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски, недостигаат соодветни правилници за тоа кој воопшто треба да биде редар. Од друга страна, пак, Јосифовски вели дека угостителите немаат ниту услови, ниту можности, ниту соодветен персонал за да ја врши оваа функција.

„Она што поголем дел од угостителите се соочуваат е ниеден од постојниот персонал кој моментално работи, без разлика дали е менаџер, дали е сопственик, келнер или шанкер, не сака да ја преземе улогата или функцијата да биде редар во уостителскиот објект кој ќе врши проверка на лицата кои доаѓаат дали се или не се вакцинирани. Ниедно такво лице не виси на закачалка и дека ние можеме да му свртиме телефон и да се обратиме на тоа лице и да му кажеме дека од утре треба да дојдете“, рече Здравко Јосифовски – претседател на Независна угостителска комора.

Новите мерки предвидуваат задолжителна контрола на потврди за вакцинација при влез во секаков објект на отворено, каде има повеќе од 30 лица, но, и друг вид на настани од отворен карактер. Пред два дена, Владата ја олабави мерката со која освен вакцинираните и прележаните со ковид 19, со рок не подолг од месец и половина, можат да влезат во угостителките објекти. За Јосифовски, проблематична е и дозволената бројка во угостителските објекти.

„До 30 лица посета во угостителски објект не сте обврзани да имате редар. Доколку угостителскиот објект има повеќе од 30 гости имате за обврска? Кога ќе се применува ова? Дали ние во моментот ако имаме угостителски објект кој има 50 гости капацитет, а влегуваат по 20 гости имаме за обврска да имаме редар или немаме? Дали тоа значи дека првите 20 лица треба да ги контролираме или не ги контролираме дали имаат сертификати?“, изјави Здравко Јосифовски – претседател на Независна угостителска комора.

Пред пет дена, Министерството за економија ги најави новите мерки. Но, од таму не даваат повеќе детали за прашањата што ги мачат и самите угостители – како контролата ќе изгледа на терен. Што ако персонал во угостителскиот објект не е вакциниран? Или пак како ќе се проверува веродостојноста на сертификатот и дали тоа подразбира и идентификација на граѓаните со документ за лична идентификација?

Денеска, премиерот Заев изјави дека утре во 9 часот наутро, ќе одржи средба Координативниот штаб, на кој ќе се разгледаат сите аспекти и сугестии кои пристигнуваат до нив.

„Секој има право да одлучи дали да се вакцинира или не,  но државата мора да води грижа за колективното здравје. Бидејќи ако јас не ја примам вакцината и сепак влезам во простор кој е повеќе од 30 луѓе, ризикувам сите останати 29 луѓе да бидат заразени од мене. Тука е грижата на државата за колективното здравје.“, рече Зоран Заев – премиер.

Јосифовски планира да се појави на вечерашниот протест против новите рестриктивни мерки. Бидејќи како што вели, од понеделник, ниту како сопственик на објект, ниту како претседател на Комората, ниту како физичко лице нема да може да влезе во објект и да пие кафе. Причината за тоа е што нема сертификат, иако ја прележал болеста, ниту пак има потврда за вакцинација. Оние без потврда кои ќе се појават на кафе, ручек, концерт или прослава, каде се присутни повеќе од 30 лица ќе треба да платат 250 евра казна. Казната за сопственикот на објектот, пак, се движи од 2.500 до 30.000 евра во зависност од големината, а дополнително со 1.500 евра ќе се казни и одговорното лице. Малолетниците не се опфатени со овие мерки.

АЛСАТ

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button