ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Одбележување на 30 години независност

Здравствени работници, спортисти, пожарникари, полицајци и војници, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, како и националните ансабли и културно-уметничките друштва денеска ќе продефилираат во центарот на главниот град по повод 30 години независност на државата.

Централната прослава ќе биде на отворено пред Собранието со почеток во 17:30 часот, а ќе започне со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од композиторот Живоин Глишиќ по што следи дефилето.

Според протоколот, официјалниот дел ќе почне во 18:30 часот со интонирање на химната на Северна Македонија од страна на Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

По обраќањето на премиерот, односно од 19:30 часот започнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.

Поради одбележувањето на празникот, затворени за сообраќај од 11 часот ќе бидат бул. „Кочо Рацин” на потегот од крстосницата со бул.„Кузман Јосифовски Питу” до ул.„Кирил и Методиј”,  ул.„11-ти Октомври” на потегот од ул.„Крушевска Република” до ул.„Димитрие Чуповски”, ул. “Филип Втори” на потегот од бул.„Гоце Делчев” до ул.„11–ти Октомври”, Кеј „13–ти Ноември” на потегот од ул.„Филип Втори “до бул.„Кочо Рацин”, ул.„Мирче Ацев” на потегот од ул.„Филип Втори „до бул.”Кочо Рацин”, ул.„Димитрија Чуповски” на потегот од порта Македонија до бул.„Климент Охридски” и  ул.„Даме Груев” од крстосницата со ул. „Македонија” до ул. „11-ти Октомври”

Во пресрет на одбележувањето синоќа артилерискиот баталјон на Армијата изврши почесна артилериска стрелба со 10 плотуни.

Пред три децении на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button