МАКЕДОНИЈА

Одрони и влажни коловози во поширокиот дебарски регион, се препорачува внимателно возење

Обилните и интензивни врнежи од дожд присутни последните денови на подрачјето на патните правци во поширокиот дебарски регион предизвикаа чести одрони на патните правци а планинските врвови денеска ги обелеа првиот снег. 

 Поради одроните но и влажните коловози од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта препорачуваат многу внимателно возење. 

 -Има појава на зачестени одрони од камен и земја. Нашите екипи се постојано на терен во нивно расчистување и сообраќајот се одвива  тековно. Поради тоа но и влажниот коловоз препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација, порачува Деар Лиманоски, раководител на секцијата. 

Посочува дека од 5 месецов секцијата  работи со 24-часовно дежурство со комплетни екипи и потребната механизација и додава дека екипите се постојано на терен во расчистување на коловозите, со цел безбедно одвивање на сообраќајот. 

Вообичаено најчести се одроните кај селата Рајчица, Косоврасти, и Јанче, месноста Ростушки Мост, потоа во близина на Бигорски манастир и месноста „Сенечки ливади“, на патниот правец Дебар – Маврово,како и  кај месноста „Три чешми“ на патот кон Струга, и месноста „Кокошкина краста“ на патот Мелнички Мост-Центар Жупа. 

Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар –  Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица(патен правец Дебар – Струга),патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа или  над 110 километри.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button