ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Огревното дрво достигна 4.700 денари за кубик

Огревното дрво достигна 4.700 денари за кубик

И покрај поскапувањето на дрвата за греење растат барањата на граѓаните, а стовариштата се соочуваат со недостиг. Во едно од нив, годинава има поголема продажба од која било друга година порано. Главна причина според продавачите е забраната за извоз на пелети и стравот од немање струја.

„Во споредба со другите години, оваа година почнавме многу порано, дури во мај. Општата економска криза го направи своето и сега луѓето се збунети бидејќи не знаат дали струјата ќе се редуцира, па затоа се подготвуваат пред време. Стана многу тешко, премногу, но ние се трудиме да служиме. Малку доцна, со чекање, но секој клиент што ќе дојде, се трудиме да го услужиме. Секојдневно ни фалат дрва, но како одминува времето ги опслужуваме…“, изјави Наим Алија, продавач на дрва.

Алија вели дека годинава цената на дрвата за метар кубен е повисока, а тоа се должи на поскапувањето на нафтата и исплатата на работната сила. Додава дека годинава работниците се двојно повеќе платени во однос на претходните години.

„Дрвата не се поскапени, цената е иста или од Караџица или Јасен кај што работиме, нема поскапување, државните цени се исти, но работната сила и нафтата се поскапени. Сега, со целата услуга цената е 4.700 денари, со сечење и достава до дома со сета комплетна услуга до куќа“, нагласи Наим Алија, продавач на дрва.

Директорот на ЈП „Национални шуми“, Валентин Груевски, потврди дека има зголемување на побарувачката.

„Оваа година ‘Национални шуми’ ќе произведуваат повеќе дрва од лани. Морам да истакнам дека побарувачката годинава е многу поголема, дел од реални причини, а дел поради шпекулациите дека нема да има дрва. Работиме во оваа насока и ќе го сториме тоа што е во наши раце“, рече Валентин Груевски, директор на ЈП „Народни шуми“.

Од Министерството за економија информираа дека прават анализи во однос на проценката од потребата од нови евентуални мерки.

„Во Министерството за економија се вршат анализи за актуелната состојба со продажбата и услугата на граѓаните со огревно дрво и пелети, како и за домашните производствени и увозни капацитети на огревно дрво и пелети по периодот на забраната за извоз. Анализата треба да доведе до проценка на потребата од нови мерки кои би биле предложени до Владата…“, велат од Министерство за економија.

Одлуката за забрана за извоз на огревно дрво и пелети важи од 22 јули, а ќе важи до 31 декември.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button