ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Охрид и Струга сепак за првомајските празници ќе имаат туристи

Олабавувањето на мерките и работата на угостителските објекти, ќе го наполнат Охрид за продолжениот празничен викенд. Помалите хотели се солидно исполнети од 30 до 70%, а место повеќе се бара и во приватните сместувачки капацитети во централното градско подрачје. Најбројни ќе бидат домашните туристи и оние од Србија и Црна Гора. Дополнително, во Охрид има и 8.000 викенд станови и куќи во сопственост на граѓани од други градови.

„Капацитетите се пополнети 70%, од домашни гости и од соседна Србија. Самите гости ги организираат гостите и тие приложуваат или сертификат за вакцинација или пак негативен ПЦР тест“, рече Наташа Цветаноска-менаџер на хотел.

Но, во поголемите хотели и во Струга и во Охрид резервациите се бројат на прсти.

„Собите се бројат на прсти и буквално за сега тоа е колку за едно помало мотелче. Годиниве наназад за нас 1. Мај значеше почеток на сезоната со нови припреми. Тоа беше стартот на сезоната. Годинава, мај за жал не личи на мај“, вели Ана Јанчева-менаџер на хотел во Струга.

Ќе недостасуваат гостите од Албанија поради мерката за задолжителен двонеделен карантин при враќањето назад.

„Имавме најави од Бугарија и Албанија, но поради карантинот и ПЦР тестовите откажаа. Само наши гости има“, изјави Ангел Анѓелески-менаџер на хотел.

Министерството за надворешни работи преку македонската амбасада во Тирана побарало информации од албанските власти околу оваа мерка, при што од Владата за Алсат рекоа дека им било потврдено дека мерката на сила ќе остане до 3 мај.

„Добивме уверување дека се прават сите напори согласно подобрување на состојбата мерката во најскоро време да биде отстранета. Мерката не се однесува за граѓаните кои што транзитираат низ територија на Република Албанија, со напомена дека патувањето треба да го реализираат во рок од 4 часа“, наведуваат од Владата.

Но, здравствените работници од Охрид стравуваат дека напливот на гости во градот, може да влијае на епидемиолошката состојбата со ковид 19 во следниот период. Велат дека требало да останат барем на сила рестриктивните мерки кои претходно беа на сила.

„Ако биде повторно она собирање, групирање, неносење на маски и не држење на тие мерки, ќе го зголеми бројот и ќе добиеме друг бран и ќе биде големо оптоварување за оваа болница“, рече Горан Балев-директор на општа болница Охрид.

Гостите се очекува да пристигнуваат денес попладне и утре наутро.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button