ВЕСТИЗДРАВСТВО

Охрид, не се решава недостигот на педијатри

Министерот за здравство Беким Сали, излезе со трето ветување за решавање на проблемот со детското одделение во Охрид. Тоа една година работи само како обична амбуланта, поради недостиг на педијатри. Ветувањата се речиси исти како и претходните две. Вели дека недостатокот на стручен кадар ќе мора да се надомести од околните градови.

„…Тоа значи дека е побарано од директорите да има договор меѓу двете институции, за неделно да се ротираат лекарите од Струга во Охрид“, рече министерот Сали.

Претходно во април годинава од кабинетот на министерот рекоа дека се работи на изнаоѓање времено и долгорочно решение. Но, дојде есента, а решение нема.

„Не е дозволиво, меѓутоа тоа е. Во изминатиот период имаше масовно заминување на здравствен кадар, што во последните две години со подобрување на условите за работење на лекарите, намалена е динамиката на заминување“, додаде министерот Сали.

Инаку од ноември, детското одделение во Охрид, работи само како обична амбуланта, од понеделник до петок со работно време до 19 часот. За хоспитализација, за време на празници, викенди и во вечерните часови, пациентите се принудени одат за Струга. Во моментот има само двајца педијатри, од кој едниот честопати е на боледување поради здравствени проблеми. Две специјализантки само помагаат, но немаат право на дежурства.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button