ОЈО го чека обдукцискиот извештај за смртта на Јана

Обдукцискиот извештај со кој се очекува да ги расветлат причините за смртта на 6-годишната Јана од Битола се уште не е доставен до ОЈО Битола. Кога ќе биде готов извештајот ќе биде доставен до Министерството за здравство и потоа ќе го добие и обвинителот. Од Јавното обвинителство соопштија дека во меѓувреме се преземаат и други мерки за расветлување на случајот.
„Сослушани се неколку лица кои имаат информации и се добиени некои медицински документи. Останатите документи најпрво ќе бидат доставени до Комисијата формирана во МЗ. Потоа Обвинителството ќе го добие извештајот како и извештајот на ДЗСИ за да се види колку се испочитувани медицинските протоколи. По сите проверки, Обвинителството ќе донесе одлука за натамошен тек на постапката“, наведоа од ОЈО Скопје.
Тим од 5 педијатри специјалисти формиран од министерот за здравство исто така работи на расветлување на фактите за трагичниот случај. Премиерот Ковачевски демантираше дека во битолската болница има недостиг од медицински персонал, за што се пожалил актуелниот директор на оваа болница.
„Имаме здравствен систем кој е функционален и има голем број вработени. Некогаш се создава впечаток дека во некои земји има недостиг од кадар, а на некои места каде што секој сака да работи, како што е Скопје, има вишок на кадар, затоа мора да се систематизираат ресурсите за да биде подобро работењето“, рече Ковачевски.
Шестгодишната Јана почина на 22 март во болницата во Битола. Според изјавите на нејзините родители, по примањето на инфузијата, шеќерот во крвта ѝ се покачил од 9 на 19 и ситуацијата се комплицирала. Државниот санитарен и здравствен инспекторат соопшти дека по нивната контрола не констатирале никакви пропусти при лекувањето и дека детето починало од проблеми со срцето.
Вјолца Алити