ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Онлајн трговијата урива рекорди во Македонија

Граѓаните на Македонија се помалку плаќаат во кеш. Како потврда на овој тренд може да се искористат податоците на Народната банка кои покажуваат дека во првите шест месеци од годинава за дури 60 отсто е повисока вредноста на трансакциите споредена со истиот период лани, кога поради состојбата со пандемијата повеќе се купуваше на интернет. Од јануари до јуни годинава македонските граѓани потрошиле речиси 170 милиони евра, и ако овој податок го споредиме со пред кризната 2019 година ќе забележиме дека првото полугодие од годинава има повеќе трансакции отколку цела 2019 година.

„Во првото полугодие од 2021 година направени се 6,54 милиони трансакции што преставува пораст од 50% во однос на бројот на направените трансакции во истиот период минатата година, што значи дека вредноста на просечната трансакција е зголемена и таа изнесува 26 евра наспроти 24 евра во истиот период минатата година. При тоа ако во првото полугодие минатата година просечната трансакција на правните лица била поголема (30,7 евра) во однос на физичките лица (23,8 евра) во 2021 година е скоро изедначена помеѓу правните и физичките лица“, велат од Асоцијација за Е- трговија.

Официјалните податоци покажуваат дека граѓаните од Македонија потрошиле 123 милиони евра во првите 6 месеци од оваа година кон домашни онлајн продавници, а тоа претставува 73% од вкупната вредност на направени онлајн трансакции. Странците пак во земјава кон домашните е-трговци во првото полугодие од 2021 година потрошиле 7,6 милиони евра односно 75% од истиот период минатата година. Просечната трансакција на странците кон домашните интернет продавници изнесува 36 евра. Податоците велат и дека граѓаните од земјава во странство направиле трансакции вредни 38 милиони евра во истиот период  што преставува 22,5% од вкупно остварената вредност на онлајн трансакции. Во однос на истиот период минатата година остварен е раст од 24%.

„Пандемијата значајно го поттикна растот на е-трговијата, па така забележавме трицифрен раст во вредноста на реализираните трансакции со домашни картички кон домашни е-трговци во текот на минатата година. Во услови на забрани за движење и грижа за заштита на сопственото здравје се повеќе граѓаните се свртеа кон алтернативата на традиционалното купување односно онлајн“, истакнуваат од Асоцијација за Е- трговија.

Во Македонија заклучно со 30.06.2021 година активни се 1.661 виртуелни или интернет продажни места.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button