ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Општинското основно музичко училиште во Струга работи „на црно“

Трудовата инспекција утврди дека сите наставници во Општинското основно музичко училиште во Струга држат часови на црно. Немаат засновано работен однос со установата согласно член 13 став 7 од Законот за работни односи, потврдија денеска за Алсат од Државниот инспекторат за труд. Наставниците таму држат часови уште од 2021 година, а од тогаш до сега сите од нив не земале ниту една плата.

„Издадена е инспекциска мерка, наредба, со којашто на работодавачот, Општинското основно музичко училиште Струга му се наредува да заснова работен однос со 14-тте наставници во рок од 8 дена. За сторениот прекршок изречена му е глоба во зависност од големината на правниот субјект. Ова е работа без регулиран работен однос, што претставува работа на црно затоа што работниците работат без да се пријават во задолжително социјално осигурување“, рече Весна Томоска, директорка на Државниот инспекторат за труд.

Но, кој дозволил училиштето да почне со работа без да се обезбедат пари и согласности од надлежните институции? Алсат го постави ова прашање во Министерството за образование и во Бирото за развој на образованието. Оттаму ни го одговорија следново:

„Бирото за развој на образованието врши стручни работи од значење за развојот и унапредувањето на образованието, одговорно е за наставните планови и наставните програми и за обуката на наставниците. Сите други прашања за основање на училиште, финансирање, верификација на неговата работа се надлежност на локалната самоуправа и Министерството за образование и наука“, наведуваат од Бирото за развој на образование.

„Во тек е постапка за обезбедување на согласности за ангажирање на наставен кадар во посоченото училиште“, велат од Министерството за образование.

Министерот за образование Шаќири, вчера рече дека бил запознаен со проблемот. Тој им се заблагодари на наставниците кои, како што рече, работеле „со добра волја“.

„Им благодарам на оние наставници кои имаа добра волја не само во периодот додека сум министер, туку и порано и го одржуваат во живот. Наскоро ќе ги дадеме и првите согласности за прилагодување на статусот на професорите….“, рече Шаќири.

Инаку, во септември 2021 година, среде изборната кампања за локалните избори, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и актуелниот министер Шакири, кој тогаш беше министер за информатичко општество, дојдоа, се сликаа и го отворија училиштето. Но, никој не спомена дека за вработените не се обезбедени ниту пари, ниту согласност за вработување. Година и пол по отворањето наставниците немаат земено ниту една од 17-тте плати. Во меѓувреме биле примени и нови наставници кои немаат земено ниту една плата. Настава во ова училиште посетуваат 250 деца.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button