ВЕСТИРЕГИОН

Осуда за убиството и повик за итна реакција на меѓународната заедница

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, ја откажа посетата во Њујорк каде престојуваше во официјална посета и замина за Косово, откако ја доби веста за тензичната ситуација на северот.

„Убиството на полицаец и ранувањето на уште еден на северот на Косово, планирано, оркестрирано и егзекутирано од српски криминални банди, е напад врз законот и редот на северот на земјата, тоа е напад на Косово“, рече Османи.

Спикерот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца изјави дека ова е директен напад врз уставниот поредок.

„Силно бараме меѓународниот фактор, особено ЕУ и САД, да ја осудат Србија за оваа отворена агресија врз Косово“, рече Коњуфца.

Трагедијата со загубата на животот на косовскиот полицаец е најголемиот аларм досега за постојаниот ризик кризата да ескалира во вооружен конфликт, пишува албанскиот премиер Еди Рама.

„Евро-атлантската заедница мора да ја собере целата своја импозантна сила и неповратно да ги седне Косово и Србија на масата на дијалогот за нормализација. Свикувањето на вонредна мировна конференција, под надзор и гаранција на Европската унија и САД, и истовремено преземање на сите вонредни мерки со КФОР, за да се спречи понатамошна ескалација на ситуацијата, се стратешка неопходност не само за редот и безбедноста на Косово денес, туку и за мирот и иднината на регионот утре…“, рече Рама.

И претседателот на Албанија Бајрам Бегај ја повика меѓународната заедница.

„Овој организиран криминален чин е сериозно нарушување на редот и безбедноста на Република Косово. Ја повикувам меѓународната заедница одлучно да реагира на нарачателите и спроведувачите на овој исклучително сериозен чин за стабилноста на Косово и мирот во регионот на Западен Балкан“, рече Бегај.

Актот на криминалните групи на северот на Косово го осудија и шефот на Демократската партија на Косово Мемли Красниќи, на Демократската лига на Косово Лумир Абдиџику и на Алијансата за иднината на Косово Рамуш Харадинај.

Опозицијата во Албанија како и сите албански партии во Северна Македонија изразија сочувство до семејството на жртвата и повикаа на казнување на сторителите.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button