ВЕСТИРЕГИОН

Осум пратеници на Трифонов, контра одлуката за напуштање на коалицијата

Пратеници од партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов ја напуштаат парламентарната група и се очекува да му дадат поддршка на премиерот Кирил Петков, пишуваат бугарските медиуми. Според објавата, осум пратеници му свртеле грб на Трифонов. Oд партијата на Петков потврдија дека течат разговори со колегите од „Има таков народ“, но засега поддршката не е доволна за да се стигне до неопходното мнозинство од 120 пратеници. Недостасуваат четворица.

„Веќе најдовме пратеници. Не се 12, но одиме во насока да обезбедиме целосно мнозинство“, вели Атанас Михнев, пратеник на „Продолжуваме со промената“.

Првиот тест за тоа дали Петков ја има потребната поддршка во Собранието, ќе биде ребалансот на буџетот, кој се очекува неделава да се најде на гласање. Токму ребалансот, но и прашањето за кревањето на ветото на евроинтеграцијата на Македонија беа двете причини поради кои Слави Трифонов реши да ја напушти владината коалиција. Тој обвини дека Петков водел паралелна надворешна политика од онаа на бугарското МНР и бил подготвен да ја крене блокадата за Скопје.

Шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, која беше една од четворицата министри на предлог на Трифонов, денеска официјално ја поднесе оставката.

„Теодора Генчовска ќе продолжи да ја извршува функцијата до изборот на нов министер за надворешни работи“, наведуваат од бугарското МНР.

Следува премиерот Петков да ги прифати четирите оставки на министрите и да ги достави на гласање во Собрание, по што ќе може самиот да достави предлог имиња за ослободените ресори. Тој претходно кажа дека е подготвен да предводи и малцинска Влада, без мнозинство во Собранието.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button