ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Откриени гости и странски државјанки во угостителски објект со забрана за работа во Охрид

Полицијата откри 18 гости и 11 странски државјанки од Русија и Украина во угостителски објект во Охрид, кој работел и покрај претходно изречена забрана и ставена пломба. Од извршената контрола денеска во 1:30 часот, дополнително е утврдено дека во објектот се врши дејност после 18.00 часот, спротивно на мерките за спречување на пандемијата со Ковид-19.

– На 16.01.2021 во 01:30 часот од страна на Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи во координација со полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции и Државен пазарен инспекторат извршена е контрола во угостителски објект на улица „Железничка“ во Охрид, сопственост на Д.Т. (30) од Охрид, при што било утврдено дека објектот работи и покрај претходно изречената забрана за работа и ставената пломба на 06.01.2021 од страна на Државен пазарен инспекторат, а и притоа внатре биле затечени сопственикот, четири лица од персоналот, 18 гости и 11 странски државјанки од Русија и Украина, информираат од МВР.

При претресот, извршен со наредба на судија на претходна постапка од Основен суд Охрид, пронајдени се и одземени поголема количина на парични средства сместени во посебни нумерирани кутии, мобилни телефони и техниката за видео надзор. За настанот е известен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид, по чија насока од слобода се лишени сопственикот и сите лица затекнати во објектот, против кои ќе биде поднесена кривична пријава по чл.206 од Кривичниот законик.

Инспектори од Одделението за странци при РЦ Запад, по насока на Јавен обвинител, против 11 лица – странски државјанки ќе поднесат соодветен поднесок и истите ќе бидат спроведени пред Судија за претходна постапка поради тоа што биле без регуларен престој во државата и без работна дозвола.

Од страна на Државниот пазарен инспекторат угостителскиот објект во Охрид повторно е пломбиран и има забрана за вршење на дејност во времетраење од 30 дена, а против сопственикот ќе биде поднесена кривична пријава и за претходното кривично дело – оштетување и кинење на пломба.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button