ВЕСТИКлиматски ПромениСВЕТ

Оваа година во Бразил изгоре површина поголема од Белорусија

Вкупно 22,38 милиони хектари изгореа во првите девет месеци од 2024 година, што е зголемување за 150 отсто во споредба со истиот период во 2023 година, се вели во извештајот на иницијативата MapBiomas.

Областа одговара на околу 2,6 отсто од бразилската копнена површина, е поголема од Белорусија (20,29 милиони хектари) и речиси колку Романија (23 милиони хектари).

За потребите на извештајот, мрежа составена од универзитети, невладини организации и технолошки компании анализирала сателитски снимки и други податоци.

Повеќе од половина од опожарената површина била во регионот на Амазон. Само во септември таму изгореа 5,5 милиони хектари – скок од 196 отсто во споредба со истиот месец во 2023 година.

Сушната сезона во Амазонија, која вообичаено трае од јуни до октомври, беше особено тешка оваа година и дополнително ја влоши пожарната криза во регионот, рече Ане Аленчар од MapBiomas.

Амазонската прашума, наречена „белите дробови на планетата“, апсорбира јаглерод диоксид од атмосферата и игра клучна улога во борбата против климатските промени.

Во септември, Серадо, бразилски екорегион кој е дом на околу 5 отсто од сите растителни и животински видови на Земјата, беше најпогоден од пожарите во однос на површината, со 4,3 милиони хектари.

Погоденото подрачје е зголемено за 158 отсто во однос на истиот месец лани.

Во септември пожарот уништи речиси 318.000 хектари од Пантанал, најголемото мочуриште во светот, што е зголемување за 662 отсто во споредба со истиот месец минатата година.

Според податоците на бразилскиот Национален институт за вселенски истражувања (ИНПЕ), кој е одговорен за сателитски мониторинг, од почетокот на годината во оваа јужноамериканска земја се забележани најлошите пожари во последните 14 години.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button