
Оваа недела ќе ги има шесте биолошки лекови што недостигаа за пациентите од Клиниката за онкологија, потврди министерот за здравство Арбен Таравари. И директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, соопшти дека дефицитот наскоро ќе биде решен – за дел со донации, а за дел од лековите со анекси на договорите во јавните набавки.
Во изјава за медиумите Таравари рече дека нема недостиг на целата онколошка терапија туку, рече, „90 отсто од лековите што се користат како онколошка терапија ја има во Клиниката за онкологија“.
-Недостасува само биолошка терапија и тоа само шест-седум дена. Се надевам дека оваа недела Клиниката за онкологија ќе биде снабдена со биолошка терапија. Ние досега сме имале дури повеќе отколку минатите години биолошка терапија. Меѓутоа, побарувањата од пациентите се многу поголеми, затоа веќе имаме протоколи и конзилиум од доктори, бидејќи навистина е луксузна и не треба да се даде баш секаде, туку таму каде што е индицирано и таму каде што лекарскиот конзилиум ќе одлучи дека треба да се даде биолошка терапија. Уште еднаш да повторам – лекови има, не дека недостигаат сите лекови, и во текот на оваа недела повторно ќе има биолошка терапија на Онкологија, изјави Таравари пред настан по повод завршување на проектот за имплементација на Стратегијата за здравство 2021-2030“.
Додаде и дека покрај другите клиники и болници каде што ќе биде распределен кадарот за кој има одобрение за вработување, во посебен фокус е Клиниката за онкологија, за која се планира и реорганизација односно децентрализација во третирањето на пациенти со карцином.
-Интензивно работиме „8 Септември“ набрзо да почне да функционира со цел во Клиниката за онкологија да има помалку пациенти. Штип, Тетово и Битола функционираат. Ние во овој период веќе размислуваме и да се реорганизира Клиниката за онкологија, да функционира слично како Токсикологија. Дирекцијата да биде единствена и директорот да може да ги управува сите подединици кои ќе бидат во градовите каде што може да се подели или да се ординира онколошката терапија. Со тоа ја реализираме нашата цел да има децентрализација и во онкологијата, рече Таравари.