ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пендаровски за 27 април: Поддржувам нов судски процес ако има нови докази

Упадот во собранието е трауматско искоство, а напаѓачите во срцето на законодавниот дом не се терористи. Ова го изјави шефот на државата, Стево Пендаровски во интервју за телевизијата Канал 5, кој смета дека кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, не било делото по кое требало да се гонат. Покрај ова, претседателот вели дека казните на осудените биле високи, а поддржува и одново да има судење за крвавиот четвортк, само ако има нови докази.

„Јас не мислам воопшто дека луѓето кои влегоа внатре се терористи, дури и оние кои физички напаѓаа луѓе. Тие што физички напаѓаа луѓе си ги заслужуваат казните кои ги добија. Оние кои само влегле во зградата на собранието не можеш да кажеш дека се терористи. Во овој момент јас поддржувам преотворање на процес, ако и големо ако има нови докази, нови сведоци кои ќе го осветлат настанот од друг аспект кој ќе покаже дека не е баш така како што било докажано на првото судење, можеме да разговараме за тоа“, рече Пендаровски.

Во СДСМ не се согласуваат со ставот на Пендаровски.

„Тоа што се случи на 27 април беше рушење на уставниот поредок, сите бевме сведоци што се случи пред четири години, дека беше напад на домот на демократијата и за тоа си следеше судска постапка каде веќе делото е завршено“, рече Даниела Маркоска, пратеничка на СДСМ.

Ваквите ставови изразени од претседателот доаѓаат само неколку дена по протестот организиран од ВМРО ДПМНЕ, а на кој беше побарано повторно отворање на судскиот процес. И Мицкоски вели дека тие не биле терористи.

„Дали влегоа во парламентот, а не требаше? Мојот одговор е да. Дали имаше насилство, да и не го оправдувам насилството и по стоти пат еве тоа го кажувам. Но, дали треба да одговараат за тероризам, одговорот е не, зашто ние денеска сме единствената НАТО држава и кандидат членка во Европската Унија со осудени 35 терористи“, изјави Мицкоски.

Алијанса за Албанците се сомнева дека има политички договор за амнестија за крвавиот и вооружен упад во Собранието. Сомнежот јавно го изрази Села на годишнината од ноќта кога беше крвнички претепан во Законодавниот дом.

„Заедно ги амнестираа главните виновници за 27 април, значи ВМРО, СДСМ и ДУИ. Заедно го истуркаа процесот за пописот на населението, можеби заедно овие три партии подготвуваат сценарио за да ги амнестираат и ослободат терористите, хулиганите, бандитите и вагабонтите“, рече Зијадин Села, претседател на АА.

Кривичниот суд изрече пресуда за 16 лица за крвавиот напад и добија 211 години затвор, а Апелациониот суд казните ги намали на вкупно 188 години. Паралелно, сè уште тече судскиот процес за осомничените организатори на крвавиот четврток.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button