ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Петков: Македонија да тргне на европски пат, но со многу услови

Нови позиции од соседна Бугарија. Премиерот на државата, Кирил Петков смета дека Бугарија не треба да го укине, туку да го помести ветото за Македонија за отпочнување на преговорите со Европската Унија, но условено. Петков во интервју за бугарската телевизија Нова вели дека патот на Северна Македонија кон Европа е во интерес на Бугарија, но да се гарантираат правата на Бугарите. Тој бара да се направат измени на Уставот во кој би се вметнале Бугарите пред отворање на првото поглавје во Европската Унија.

„Доколку правата на Бугарите со промената на Уставот се гарантирани од Европската Унија, со други зборови промената да не биде дека Бугарија моли за тоа да се случи, туку тоа да биде дел од пакетот мерки вклучени во Договорот на Република Северна Македонија и нивна должност е да го сменат Уставот, на патот кон Европа“, вели Петков.

Досега Бугарија настојуваше Уставот на Македонија да се отвори пред воопшто да почнат преговорите со ЕУ. Инаку, актуелниот текст на преговарачката рамка не вклучува барање за Бугари во Уставот на Македонија, а Петков сега бара тоа да го официјализираат Скопје и Брисел. Петков тврди дека добил уверение од шефицата на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен дека европските партнери се подготвени да бидат гарант за бугарските позиции во Македонија. Според Петков овој чекор треба да се договори со актуелната Влада предводена од Ковачевски.

„Не треба да чекаме некој да ни ја заврши работата. Најглупавата работа што би ја направиле сега, според мене и против бугарскиот интерес е да се сопнеме. Да кажеме, ги сакаме да се случат сите работи кои ги сонуваме, пред укинување на ветото. Тогаш, најверојатно националистичките сили во Северна Македонија ќе го преземат управувањето таму и тогаш шансите на бугарскиот интерес ќе бидат блиску до нула. Сега имаме нормална Влада во Северна Македонија и таа е подговтвена да ги преземе своите обврски преку европски договор“, вели Петков.

Премиерот Димитар Ковачевски, пред два дена соопшти дека  прашањата со Бугарија треба да се решат по пат на дијалог и разбирање, но да останат надвор од пристапниот процес.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button