Писонеро: ЕУ загрижена од измените на Кривичниот законик

Силни критики пристигнаа од Европската Комисија поради содржината, но и начинот на усвојување на измените на Кривичниот законик. Според Комисијата, Македонија се обврзала да го промовира владеењето на правото и да се бори против неказнивоста и затоа, санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни и соодветни.
„ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените во Кривичниот законик усвоени во забрзана постапка од Собранието на Северна Македонија со кои се намалуваат максималните законски казни и се предизвикуваат импликации врз примената на принципот на застареноста, влијаат врз голем број случаи на корупција на високо ниво“, вели Писонеро.
Од Брисел, како што се додава, жалат што измените претходно не биле предмет на широки консултации и било употребено европското знаменце. Од друга страна, според премиерот Димитар Ковачевски, Европската Комисија не навела дека европското знаменце било злоупотребено, туку само дека било употребено. Коментирајќи ги критиките, Ковачевски додаде дека измените на Кривичниот законик се поради усогласување со европското законодавство. Како пример ги посочи искуствата од Германија и Словенија.
„Ако ја споредите висината на казните и ја споредите на пример со Словенија, тогаш ќе видите дека се на исто ниво. Тоа што ние претходно имавме закон во којшто казните беа, би рекол, од некое комунистичко време, бидејќи беа направени од еден што го нарекувам Дарт Вејдер на македонското судство и Обвинителство, тоа не значи дека тие работи не треба да се променат“, рече Ковачевски.
Вчера америнската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер најави дека правен тим од Амбасадата ќе ги разгледа измените. Ваквата најава ја искоментира вицепремиерката Славица Грковска, која претходно изрази резерва за дел од веќе усвоените измени.
„САД се наш стратешки партнер и за мене ќе биде суштинска нивната забелешка и коментар за овие измени“, рече Грковска.
Измените на Кривичниот законик утре и официјално стапуваат во сила. Тие беа експресно усвоени во Собранието со 48 гласови „за“. Нив ги предложи Владата, користејќи го европското знаменце, односно беа внесени по скратена постапка. Брзо реагираше и претседателот Стево Пендаровски кој веќе утредента го потпиша указот за новите измени. Инаку, со измените се предвидува и намалување на казните за злоупотреба на функцијата и за злосторничко криминално здружување.
Лука Андреев