ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Плацови на Водно“, Груевски сакал да си изгради куќа во барок

„Плацеви на Водно“ ги седна поранешните бизнис партнери Сашо Мијалков и Орце Камчев на обвинителна клупа. Заедно во можно кривичното дело, заедно и донесени од затворот Шутка. Освен нив, обвинет се и мајка му на Камчев, политичкиот азилант Никола Груевски, кому ќе му се суди во отсуство, како и лицата Ненад Јосифовиќ и Ристо Новачевски.

Обвинителството посочи дека има несоборливи докази, но и сведоци кои ќе потврдат дека Груевски купувал плацови, а како формални сопственици ги запишувал нему блиски луѓе. Освен плацот од 11 илјади метри квадратни на Водно, кој потоа им го продал на Камчеви, екс-премиерот имал плацеви во Крушево, а сакал да гради и куќа на Водно во препознатливиот стил за неговото владеење – барок.

„Овој предмет можеби никогаш немаше да биде отворен ако не беа „бомбите“ кои беа објавени. Груевски беше премиер повеќе од 10 години. Негуваше имиџ на безимотно лице, живее во станот на мајка му, нема автомобил, само заштеда од плата. Тој поседува имот кој во мандатот го стекнувал, но го запишувал на други имиња. Ќе го докажеме ова со сведоци кои купувале имот на име фирми специјално за таа намена“, рече обвинителката Лиле Стефанова.

Адвокатот на Сашо Мијалков смета дека обвинителството не може да докаже умисла кај поранешниот директор на УБК, за перење пари и помош која му ја пружил на Груевски, за тој со 1,3 милиони евра од партиската каса на ВМРО – ДПМНЕ да купува имот преку оф-шор компании.

„Нема законски елементи на битието на кривичното дело, ниту вина. Нема ниту правна, ниту човечка логика“, изјави Ѕвонко Давидовиќ, Адвокат на Сашо Мијалков.

Одбраната на Камчев пак, повторно фокус стави на неговото, како што тврдат, нарушено здравје. Обезбедиле лекарска документација од кардиолози дека состојбата може да му се влоши поради условите кои ги имал во ќелијата во Шутка.

„Со она што го имам на увид до овој момент сметам дека Орце Камчев нема апсолутно никаква вина. Во таа насока ние изготвивме и економско вештачење со кое тоа го потврдуваме“, рече Еленко Миланов, адвокат.

Обвинителството побара судот сите обвинети да ги прогласи за виновни, а стекнатиот имот да биде конфискуван. Судењето продолжува во понеделник, кога обвинетите ќе треба да се произнесат дали се чувствуваат виновни или не.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button