
Екипите на Кожув од Гевгелија и МЗТ од Скопје ќе играат за титулата во кошаркарскиот Куп на Македонија.
Кожув по една деценија се избори за мечот за трофеј. Тимот на Апостолов преку МКК Куманово (81-69) и Гостивар (91-72) дојде до финалето, каде против себе ќе го има апсолутниот владетел во македонската кошарка.
МЗТ Скопје, има шанса да го подобри рекордот во Купот на Македонија и да дојде до 13-тото одличје. Аеродромци имаат два трофеја во низа,а кога последен пат загуби во финале тоа беше во 2022 година против ТФТ.
МЗТ убедливо го доби Работнички (97-63), а потоа лесно славеше и над Пелистер (103-88). Натпреварот за трофејот во Купот се игра со почеток од 19:30 часот. Претходно, во терминот од 17:00 часот, во женското финале ќе играат Баскет Кам која ќе го брани трофејот против ЖКК Вардар.