СВЕТ

По 20 години САД се повлекоа од Авганистан, Талибанците слават, власта – повторно нивна

„Тука сум за да го објавам крајот на повлекувањето од Авганистан и крајот на воената мисија за евакуација на американските граѓани, на граѓани од трети држави и на ранливи групи Авганистанци. Последниот авион Ц-17 полета од меѓународниот аеродром Хамид Карзаи на 30 август ова попладне во 3:29 часот“, изјави Франк Мекензи, Генерал во војската на САД.

Соединетите држави го завршија повлекувањето на своите сили од Авганистан по цели 20 години, означувајќи го на тој начин крајот на најдолгата американска воена мисија во историјата на државата.

Ова е фотографијата со последниот американски војник кој вчера се качил на авионот. Тоа бил Крис Донахју, командант на 82-та американска воздухопловна дивизија.

Минути потоа, Талибанците почнаа да слават на аеродромската писта.

До утринава аеродромот веќе падна во нивни раце и со тоа се заокружи нивното повторно целосно освојување на власта во државата, 17 дена откако влегоа во Кабул.

На пистата и околу аеродромската зграда останати се стотици возила, воени транспортери, па дури и авиони и хеликоптери на американската војска. Американците тврдат дека тие се оневозможени, така што Талибанците не можат да ги користат. Станува збор за 73 авиони, 70 оклопни возила и 27 хамери.

Она што денеска можеше да се забележи е и дека наместо традиционалната облека и елеци, вооружените Талибанци беа во современа западна униформа и оружје.

„Прво, сакам да ѝ честитам на целата нација затоа што ја стекнавме нашата независност и после 20 години џихад и жртви, ги принудивме Американците да си заминат…“, нагласи Забихула Муџахид, портпарол на Талибанците.

Изминативе десетина денови Соединетите Американски Држави и нивните сојузници евакуираа повеќе од 122.000 луѓе од Кабул. Од нив 73.500 беа авганистански државјани. Се проценува дека низ земјата останале околу 300 Американци кои не успеаја да се евакуираат. Талибанците утринава соопштија дека откако државните институции во Кабул повторно ќе бидат изградени, секој кој ќе има валидни документи и визи ќе може непречено да патува, а аеродромот ќе бил ставен во функција за неколку денови. Од Вашингтон ноќеска порачаа дека не ја исклучуваат можноста во иднина да соработуваат со талибанската влада, но не безусловно.

„Талибанците бараат меѓународно да се легитимираат и бараат поддршка. Нашата порака за тоа е следнава: Секое легитимирање и секоја поддршка ќе треба да се заработи“, рече Ентони Блинкен, Државен секретар на САД.

Во меѓувреме, американската амбасада во Кабул останува затворена и празна.

Да се потсетиме дека војната во Авганистан започна кратко по оваа ударна вест на светските медиуми на 11 септември 2001 година од Њујорк. Терористичките напади во Америка беа причината поради која Пентагон и западните сојузници тргнаа во војна против тероризмот, напаѓајќи го Авганистан кој во тоа време беше под власт на Талибанците. Таму се криеше лидерот на Ал Каеда и главен организатор на нападите, Осама Бин Ладен.

Сојузничките сили тогаш брзо го урнаа талибанскиот режим и воспоставија власт којашто траеше сè до синоќа. Кои беа геостратешките придобивки од војната и дали воопшто ги имаше – и понатаму е тема на многу светски дебати.

Иван Блажевски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button