По подолго време Скопје го нема меѓу првите 10 најзагадени градови во светот
По неколкунеделното рангирање меѓу десетте најзагадени градови во светот, граѓаните во Скопје денеска дишат почист воздух. Според платформата за мерење на квалитетот на воздухот, главниот град се наоѓа на 57-то место во светот. Министерството за екологија информираше дека е укинат алармот за екстремно загадување во Струмица.
„Се укинува алармот на загаденост во Струмица. Според податоците од Државниот систем за мониторинг на квалитетот на воздухот на 09 јануари дневните просечни концентрации на PM10 се под утврдениот праг на алармирање, додека во Струмица е прекината серијата од два последователни дена со надминување на прагот за ПМ10“, рекоа од Министерството за екологија.
Во меѓувреме, македонската опозиција продолжува со обвинувањата кон власта за загадувањето на воздухот. СДСМ бара од владата да не ја игнорира ситуацијата и да ги спроведе предложените мерки кои ги предлага.
„Скопје, Тетово, Куманово, Битола и други градови во Македонија со денови се меѓу најзагадените во светот, каде што граѓаните се задушуваат од загаден воздух. Граѓаните ја плаќаат цената со најскапоценото – своето здравје. Лекарите предупредуваат дека болничките ходници и кревети се преполни. Еко-активистите и Светската банка алармираат дека над 3.000 луѓе умираат секоја година во земјата од загадување на воздухот“, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
СДСМ бара да се вршат инспекции на градилиштата и да се прекинат градежните активности во градовите со зголемено загадување. Работодавачите да ги ослободат од работни обврски бремените жени, постарите лица и хронично болните во денови со екстремно загадување. Реорганизација на работното време за работниците на отворено, односно од 11:00 до 17:00 часот. Кузеска ги потсети на предложените мерки кои вклучуваат забрана на спортски и културни активности на отворено за време на високи нивоа на загадување.
Од друга страна, властите постојано истакнуваат дека се работи на подобрување на ситуацијата, а како решение се гледа целосната гасификација, која според нив, бара време.
Линда Ебиби