ВЕСТИЗАБАВАМАКЕДОНИЈА

Почна 61. издание на Охридско лето, капацитетот на сцените полн од 30% до 50%

Преполовен ќе биде капацитетот на гледалиштата на сцените каде ќе се одржуваат настаните на 61 издание на фестивалот Охридско лето кое официјално започна синоќа. На Античкиот театар, наместо 3.000 гледачи, на настапот на Националната опера и балет и Македонската филхармонија присуствуваа само 1.500 посетители. Така ќе биде сите 40 фестивалски денови.

„Педесет посто е од капацитетот на публиката на отворен простор, а 30% во затворен простор. Внатре во црквата Света Софија 90% од концертите се во црквата Света Софија. Пандемијата сè уште трае. Јас сум среќна што е поолабавено од минатата година, но сметам дека не треба цел капацитет да биде исполнет“, рече Наташа Поповиќ-директорка на Охридско лето.

Засега нема откажувања од страна на уметниците. Манифестацијата ќе трае до 20 август, на неа ќе настапат 800 уметници од 15 држави, а меѓу нив и од Албанија и Косово.

„Веќе 61 година оваа институција дава простор за врвни креации на илјадници уметници од целиот свет. Токму уметниците се вистинските чувари на убавината и со тоа и сведоци дека надежта за човештвото опстојува“, порача Стево Пендаровски-претседател.

„…Магијата е заемна, како што е магичен и целиот регион. Затоа замолувам и повикувам – доаѓајте со респект во Охрид. Охрид не е забавен парк“, рече Ирена Стефоска-министерка за култура.

Дел од фестивалското издание ќе има и хуманитарен карактер. Средствата кои ќе бидат собрани од продажбата на билетите од концертот на националниот ансамбл Танец од Македонија и на Ладо од Хрватска на 28 јули на Античкиот театар, да бидат донирани во Министерството за здравство.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button