ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Под дрво и камен се бараат туристички работници за Охрид и Струга

Стотици работни места оваа туристичка сезона во Охрид и Струга ќе останат непополнети бидејќи има мал интерес за вработување. Туристичките работници се соочувата со најави за голем број странски гости, но нема кој да работи во хотелите и рестораните. За да се дојде до работници во Охрид се одржува дводневен саем за вработување.

„Анализите покажуваат дека имаме околу 2.000 на кои може да сметаме млади и студенти, невработени лица од таа струка во Охрид и некако да помогнеме да ги убедиме да аплицираат и да се вработат сезонски, колку толку да ја помогнеме сезоната…“, рече Наум Димитроски- организатор.

Само во еден од најголемите хотели на ривиерата во моментов му требаат 70 вработувања. Но, засега никој не нуди плати како во Хрватска, каде најниската во туризмот е 1.000 евра и каде се одлева нашиот кадар.

„…Во овие моменти е многу тешко за наоѓање на персонал. Ова е последица на она што се случувало минатите години, многу ниски примања, многу мали плати, луѓето беа многу незадоволни, работеа прекувремени часови, хотелите не им ги плаќаа…“, вели Никола Божиновски-менаџер на хотел во Охрид.

„Менаџментот ја нема дефинирано кај нас сѐ уште платата. Но, секако од минималецот се оди повеќе…“, рече Јованче Николов-вработен во хотел.

Но, студентите не се задоволни со парите кои им ги ветуваат. Бараат повеќе. Ако не и тие ќе заминат на Јадранското приморје.

„Би сакала да пробам во Хрватска да работам бидејќи таму се подобри условите за работа и поплатени од овде“, вели Јована Ѓорѓиеска, студентка.

„Младите се мамат поради платата пред сè, а потоа после подобрите услови. Сакам да видам дали има добри услови за работа во градот, а потоа странство“, додава Сања Талеска, студентка.

Во моментов на домашниот туристички пазар недостасува секаков вид на кадар од келнери, готвачи, помошници во кујна, рецепционери, собарки, технички персонал. Угостителите најверојатно и оваа сезона ќе се потпрат на средношколци. Но, тие нема да можат да понудат квалитетна услуга каква што би пружил образуваниот кадар.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button