ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Потпишано барање за екстрадиција на Палевски

Потпишано е барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски од Турција од страна на министерот за правда. Попладнево од ресорното Министерство соопштија дека очекуваат Анкара позитивно да одговори, но пред барањето да се испрати најпрвин ќе треба да се преведе.

„Откако ќе биде преведено на турски јазик ќе биде веднаш испратено на турските власти, односно до Министерството за правда на Република Турција. Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција и постапување од нивна страна во најкус можен рок по што Љупчо Палевски ќе биде изведен пред органите на правдата во нашата земја“, велат од Министерството за правда.

Основното јавно обвинителство претходно експресно го изготви барањето за екстрадиција на Палевски. Во основа на документацијата е меѓународната потерница за него за грабнување и две свирепи убиства, едно на малолетно лице и едно од користољубие.

„Јавниот обвинител побара од надлежните власти во Република Турција екстрадиција на лицето за кое е распишана меѓународна потерница, а од ИНТЕРПОЛ, Анкара е добиена информација дека на 05.12.2023 година е уапсен во Република Турција. Во прилог на барањето ќе биде доставена комплетната потребна документација“, рекоа од ОЈО.

Инаку, по завршувањето на постапката во Турција би се преминало кон договарање за да се преземе лицето преку Министерствата за внатрешни работи, односно канцелариите на Интерпол.

Од Министерството за правда информираа дека побарале турските органи да го задржат првоосомничениот за двете убиства Палевски во притвор се додека не заврши постапката. Инаку, претходно и министерот Спасовски и премиерот Ковачевски и се заблагодарија на, како што велат, пријателска Турција за ажурното постапување, соработката и приведувањето на Палевски. Во потрагата, преку Интерпол, вклучени биле и Србија и Бугарија.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button