МАКЕДОНИЈА

Поголемо внимание при престој и палење огнови на отворено

Заради појавата на неколку пожари на отворено изминативе денови во кои гореше сува трева и нискостеблеста вегетација од полицијата предупредуваат на поголема внимателност. Посебно внимание треба да обрнат камперите и излетниците во мавровскиот крај.

– СВР Тетово повторно апелира и ги предупредува сите кои работат или се движат на отворен простор да внимаваат со опушоците и догорчињата и да не палат огнови. Ова посебно се однесува на земјоделците кои интензивно се ангажирани на собирање на летнината, но и кои ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите и потоа заминуваат. Огновите кои не се под контрола брзо се шират, особено кога времето е ветровито, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Максимално внимание им се препорачува на сите кои работат во шумите, како и излетниците, посебно во Мавровскиот регион и по долината на Радика.

Од СВР Тетово потсетуваат дека предизвикувањето пожар, намерно или од човечко невнимание, претставува и кривично дело за кое се предвидени ригорозни законски санкции, парични и затворски казни од најмалку 8 до 10 години, зависно од крајните еколошки и други последици.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button