ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Полека се надминува проблемот со немањето регистарски таблички за возилата

Од понеделник треба да почне испораката на регистарските таблички за возилата. Ова за Алсат го потврдуваат од МВР. Министерството склучи рамковна спогодба со фирмата Квантум од Скопје која и официјално ќе ги прави табличките. До избор на фирмата, од МВР велат дека се чекаа жалбите од другите фирми кои беа во конкуренција да ги прават регистарските табли.

Со потпишаната рамковна спогодба се решава застојот на издавањето на табличките, т.е. во наредниот период ќе следат тековни испораки на сите видови на обрасци од регистарски таблички за кои ќе се прават поединечни договори за нарачка. Со ова очекуваме целосно нормализирање на состојбата за издавањето на табличките во периодот што следи – изјави Сузана Прањиќ Талевска, Началник на Одделение за информации од јавен карактер при МВР.

Сепак, табличките нема веднаш да дојдат до крајните корисници. И во моментов ако регистрирате возило кое нема таблички нема да можете да ги добиете. Алсат денеска се обиде да контактира неколку станици за технички преглед, но поради продолжениот викенд никој не нè удостои со одговор по колку време се чека за регистарска табличка. Проблемот со регистарските таблички во земјава се појави откако заврши договорот за испорака со фирмата која ги правеше досега, Раде Кончар. До изборот на актуелната фирма, Квантум, граѓаните со месеци беа без регистарски таблички за своите нови возила. Најголем проблем има во Скопје и Битола, а од идната недела треба да почне неговото решавање.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button