ВЕСТИРЕГИОН

Политичка неизвесност во Бугарија: ИТН денеска мора да каже дали и официјално ќе предложи влада

Правникот и пратеник во претходниот состав на бугарскиот парламент, Момчил Иванов, отпадна од листата предлози за министри за владата на „Има таков народ“ (ИТН) на шоуменот Слави Трифонов. Иванов е партиски кадар на ИТН, а беше предложен за министер за правда.

Иванов е еден од тројцата кандидати за министри на чија номинација негодуваше „Демократска Бугарија“, еден од потенцијалните партнери на ИТН. Неколку часа пред да биде објавен предлогот за состав на новата влада во вторникот (3 август), тој јавно се конфронтираше со „Демократска Бугарија“, објавувајќи статус на Фејсбук во кој ја нападна партијата, но набргу потоа го избриша.

Денеска во попладневните часови истекува рокот кога мандатарот Пламен Николов треба да го врати мандатот. Според процедурата за формирање влада во Бугарија, Николов треба да го достави мандатот кај претседателот Румен Радев – тој може да биде со предлог-влада или неисполнет. Доколку мандатот содржи предлог-министри, тогаш Радев понатаму ќе го достави во парламентот за гласање, доколку не, треба да го даде на втората политичка партија по бројот на пратеници, за таа да се обиде да формира влада.

Досега ниту еден од потенцијалните партнери на ИТН не кажа децидно дека ќе ја поддржи предложената влада, па сè уште нема јасна слика каков ќе биде расплетот.

Бугарскиот парламент брои вкупно 240 гласа. Во случај сите пратеници да бидат присутни во салата на седницата кога ќе се одржи гласањето, за формирање нова влада потребни се минимум 121 глас. Има опција владата да биде изгласана и со помалку гласови од апсолутното мнозинство, но за да се случи тоа потребно е во салата да не се присутни сите пратеници.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button